Кандидатите за градоначалници на Скопје и Карпош, Орце Ѓорѓиевски и Сотир Лукровски, најавија дека ќе го претворат запуштениот простор околу реката Лепенец во симбол на еколошка обнова и современо градско живеење, со изградба на мегапарк со површина од над 300.000 квадратни метри.
Ѓорѓиевски истакна дека паркот ќе се простира по течението на Лепенец на потегот меѓу Бардовци, Злокуќани и Даме Груев.
„Ќе го претвориме ова подрачје во современ, зелен простор, уреден по европски стандарди. Тој ќе биде првиот парк што ќе поврзува повеќе скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани“, рече Ѓорѓиевски, ветувајќи нова урбана оаза за рекреација, спорт и семејни активности.
Зелени коридори и дополнителни содржини
Во рамките на проектот се планираат и зелени коридори по целата должина на течението на Лепенец со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните институции.
Лукровски, пак, најави дека мегапаркот кај Лепенец ќе добие и:
- Ботаничка градина со едукативен карактер.
- Картинг стаза со европски стандарди.
- Терен за голф и многу други содржини.
Визија за зелено Скопје и инфраструктура
Ѓорѓиевски најави и низа други капитални парковски проекти во секоја скопска општина, како дел од визијата за „скопски зелен архипелаг“:
- Мегапарк Вардариште (претворање на поранешната депонија во европски пример за зелена рекултивација).
- Градска шума во Расадник во Кисела Вода.
- Мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош во Бутел.
- 50 нови маалски паркови низ целиот град.
Кандидатите најавија и обнова на Градски парк и парк-шумата Гази Баба. За Карпош, Ѓорѓиевски наведе дека во план е доизградба на булеварот Љубљанска, довршување на клучката Момин поток и реконструкција на Загрепска.