Шукова и Мојсова најавија „паметни паркинзи“ во Карпош: Се воведува дигитална наплата за решавање на хаосот

​Кандидатките за градоначалнички на Скопје и Карпош од СДСМ, Каја Шукова и Маја Мојсова, денеска од Млечен ресторан најавија воведување на паметни паркинзи со дигитална наплата во Општина Карпош. Тие сметаат дека моменталното бесплатно паркирање во голем дел од општината е причина за хаосот и недостатокот на места за жителите.

​Каја Шукова истакна дека паркирањето и урбанизмот се врвен приоритет во нивната програма, особено во Скопје каде што граѓаните „кружат околу зградата по работниот ден барајќи слободно место“.

​Мерките најавени од Шукова вклучуваат:

  • ​Воведување паметни паркинзи со дигитална наплата.
  • ​Создавање зони на периферијата поврзани со јавен превоз.

​Субвенциониран паркинг преку стратегијата „Скопје за сите“ за семејства со ниски приходи, пензионери, млади невработени и лица со попреченост.

​Разработка на стратегијата „Скопје 2050“ – долгорочна визија за паметен и одржлив град.

​Шукова нагласи дека секој нов урбанистички проект ќе мора однапред да предвиди паркинг, зелени површини и простор за пешаци како предуслов, а не како последица.

​Кандидатката за Карпош, Маја Мојсова, се пожали дека лично изгубила половина час барајќи паркинг кај Млечен, нејзиното поранешно маало. Таа ја објасни потребата од промена на системот:

​„Сакаме Карпош да ја направиме самоодржлива општина. Тоа значи дека ние ќе стопанисуваме со паркингот, ќе треба да се исцртаат паркинг местата… Сето тоа ќе мора да биде и со некакво субвенционирање за граѓаните на Карпош, а за посетителите ќе биде со наплата. Тоа значи дека ќе работи по принципот на ПОЦ.“

​Мојсова посочи дека најголемиот проблем е што деловите кои граничат со Центар се бесплатни, па посетителите на Центар го користат тој простор, правејќи хаос.

​„Некако ќе мораме да го решиме тој проблем, граѓаните на Карпош се пред сите граѓани во оваа општина, да си го најдат паркинг местото и да доаѓаат без нервози дома“, рече Мојсова.

​Таа вети дека урбанизацијата во тој дел на општината нема повеќе да ја дозволува и не ја исклучи можноста паркирањето да се решава со монтажни гаражи.