Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на народниот митинг во Македонски Брод, во рамки на кампањата за локалните избори 2025, порача дека се неопходни реформи и ресет на системот со цел да се донесат подобар живот и владеење на правото.
Мицкоски истакна дека правдата не смее да биде привилегија, туку право на секој граѓанин, а слободата мора да биде „жив начин на живот“.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, со судии кои судат според законот, а не според влијанија.
Тој ја критикуваше состојбата во земјата, наведувајќи дека на сите нивоа постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“. Оваа мрежа, според него, се шири низ партии, институции и, за жал, понекогаш и низ етничките заедници.
„Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот – ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото“, истакна тој.
Како дел од реформите, најави судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите, со цел да се исечат „вкоренетите врски“ и да се вратат институциите кај граѓаните.
На крајот, Мицкоски ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат за број 9. „Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија“, заклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.