ДЕМАНТ ОД МВР: Полициската станица „Центар“ ги плаќа сметките, причината за немање парно е ДЕФЕКТ

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска најостро ги демантираше наводите објавени во дел од медиумите и социјалните мрежи, дека Полициската станица (ПС) „Центар“ (поранешна ПС „Беко“) е причината за исклучувањето на парното греење во одредени влезови од станбениот комплекс Градски ѕид.

​Според интегралниот демант од МВР, информациите за наводен долг се класична дезинформација:

​„Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира невистините објавени во дел од интернет порталите дека наводно поради неподмирени сметки за парно греење од страна на Полициската станица Центар, бил исклучен цел блок станари. Станува збор за класична дезинформација. Полициската станица Центар односно МВР редовно ги сервисира своите обврски и не може да биде причина за исклучување на греењето на граѓаните. Причина за немањето парно во тој блок е дефект, што е потврдено од снабдувачот со топлинска енергија. Апелираме до интернет порталите да не шират дезинформации.“

​Напоменуваме дека претходно објавената информација беше добиена од комуникацијата во затворената Вибер група на станари од блокот, кои беа информирани дека исклучувањето е поради долгови на полициската станица.

​Имено, станарите од блок 7 ја споделија следната порака, која предизвика голем револт:

​„Почитувани соседи, Во влез 4 или 5, влезот што е до полициска станица Беко, добиле информација… дека полициска станица Беко ги нема подмирено сметките за парно веќе подолг временски период и поради тоа го исклучиле цел блок.“

​МВР сега официјално потврдува дека вистинската причина за проблемот е технички дефект, а не финансиски пропуст од страна на полициската станица.