Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на собирот во преполната сала „Партизан“ во Карпош ги претстави клучните приоритети на нејзината програма: функционални јавни претпријатија, уреден сообраќај, повеќе зеленило и современо, дигитално Скопје.
Шукова нагласи дека нејзината кандидатура е „заедничка мисија“ за изградба на модерен, чист и функционален град, кој ќе биде „наш дом, а не извор на секојдневни нервози“. Таа рече дека решенијата што ги нуди се реални и проверени.
Критика за актуелната власт и реорганизација на ЈП
Кандидатката остро ја критикуваше актуелната градска власт, обвинувајќи дека четири години граѓаните живеат без основни услуги.
„Немаме редовно подигање на сметот, немаме вода во високите зони, јавниот превоз е нефункционален, а парковите и улиците се запуштени. Градот го претворија во џунгла“, истакна Шукова.
Таа најави целосна реорганизација на јавните претпријатија и обновување на постојната инфраструктура, ветувајќи изградба на Скопје „по европски терк“.
Во Карпош, Шукова најави неколку капитални инфраструктурни проекти за растеретување на сообраќајот и поврзување на општините:
Изградба на нов мост, близнак на „Обединети нации“, со шест коловозни ленти, велосипедски и пешачки патеки.
Поврзување на булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ со современо сообраќајно решение.
Продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров – нова артерија долга 4,5 километри што ќе го поврзе западот и северот на градот.
Конечно ставање во функција на мостовите „Михаило Апостолски“ и „Љубљанска“.
Дополнително, ќе се воведе „Зона 30“ во густо населени делови, ќе се постави ЛЕД осветлување, ќе се изградат нови велосипедски патеки и запуштените површини ќе се претворат во живи скверови и паркови.
Дигиталните решенија ќе бидат темел на модерното управување со градот. „Смарт Скопје ќе значи знаење кога контејнерите се полни, паметно управување со отпадот, повеќе осветлување и дигитални системи што носат ефикасност и транспарентност“, најави Шукова.
Таа порача дека не ветува чуда, туку „работа, чесност и резултати што се гледаат“, ветувајќи дека со тимот на СДСМ и Маја Мојсова во Карпош, ќе се врати гордоста во Скопје.
„Во Карпош се родив, тука сум целиот живот, и ќе се борам за Карпош и за Скопје што обединува“, заклучи Каја Шукова.