Фон дер Лајен: Светот е во најопасна состојба, потребна ни е единство против Путин и поделбите

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Европскиот парламент во Стразбур порача дека Европа живее во период на „максимална неизвесност и експлозивна нестабилност“, и дека на Унијата ѝ е потребно единство за да се справи со хаотичниот пејзаж.

​„Светот е во најнесигурна и најопасна состојба во последниве децении, а Европа е во состојба на висока готовност. … Треба да се фокусираме на она што навистина е важно. А тоа е да испорачаме за Европејците“, изјави Фон дер Лајен за време на дебатата по двете иницијативи за изгласување недоверба на нејзината Комисија, поднесени од групите Патриоти за Европа и Левица.

​Шефицата на ЕК истакна дека противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија. Таа посочи дека тоа е причината зошто треба внимателно да се слушне изјавата на рускиот претседател Владимир Путин од Сочи, кога вината за војната во Украина ја префрли на Европа.

​„Тој се пофали со она што го нарече „пукнатини на градбата на Европа“ и „разрушено единство“ во рамките на нашата Унија. Тој не го крие својот презир кон нашата Унија… и не ја крие својата радост и поддршка за сите свои послушни пријатели во Европа кои ја работат неговата работа за него“, нагласи Фон дер Лајен.

​Таа предупреди дека ова е „најстариот трик“ – сеење поделби, ширење дезинформации и правење жртвено јагне, сето тоа за да ги сврти Европејците едни против други.

​„Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа“, порача Фон дер Лајен, апелирајќи ЕУ да испрати порака на единство во однос на одбранбената подготвеност, демократскиот штит, зајакнувањето на конкурентноста и создавањето квалитетни работни места.