Кандидатката за градоначалничка на Карпош од СДСМ, д-р Маја Мојсова Мијовска, најави визија за нов почеток и темелна трансформација на општината, порачувајќи дека „Карпош е нашиот дом“.
Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат, меѓу кои: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, преполни паркинзи и недостиг на зеленило и простор за децата.
Програмата на Мојсова Мијовска се базира на инклузивност, транспарентност, зелена енергија и развој на младиот потенцијал.
Мојсова најави реконструкција на секој кварт, вклучувајќи нови паркови, осветлување, дрвореди и детски игралишта. Таа вети системски пристап во грижата за зеленилото, како и подобрување на водоводната и канализациската мрежа. Како дел од инклузивноста, најави јавни консултации, транспарентна администрација и поддршка за мали бизниси и иновации.
Меѓу особено значајните проекти се:
Младински културен спортско рекреативен центар.
Изградба на нови детски градинки во Влае, Нерези и покрај Вардар, со цел да се стави крај на листите на чекање.
Ново општинско претпријатие и монтажни паркинг платформи
За решавање на хаосот, Мојсова најави формирање на сопствено претпријатие за хигиена, паркинзи и јавен ред во Карпош, кое ќе биде опремено со специјализирани возила.
За проблемот со паркирањето, таа вети дека во најоптоварените зони (Лептокарија, Влае, Карпош 4, кај Воената болница) ќе се постават монтажни паркинг платформи со бесплатен паркинг за жителите на општината.
Кандидатката, како лекар, истакна дека ништо не се решава со одложување и дека секоја криза бара знаење и тимска работа.
„Сега е време да ги споиме зборовите со дела. Да гласаме за број 5, за надеж, за доверба, за нашиот дом Карпош. Број 5 за Карпош што го сакаме“, порача Мојсова Мијовска.