Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, пред граѓаните на Центар изјави дека во изминатите четири години постигнал многу, посочувајќи дека денес Центар е „нова приказна, нова општина“.
Тој информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија и дека е подготвена изградбата на уште една нова.
Герасимовски посебно го истакна напредокот во образовната сфера:
Целосно се реновирани сите училишта во општината.
На две училишта веќе се поставени фотоволтаици, а Планот е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите.
Учениците добија ранчиња, прибори, униформи, а наскоро ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија.
Учениците ќе добијат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени.
Принципи на работа: Чесност, отчетност и обединување
Герасимовски потенцираше дека во „невремето за Скопје“, кога граѓаните се дават во ѓубре и „ефтини политички битки“, тој одлучил да работи поинаку.
„Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Не! Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати“, рече тој.
Кандидатот нагласи дека во неговата работа се водел од основните човечки вредности и принципи: да работи чесно, одговорно и да дава отчет цело време.
„Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. … Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме“, заклучи Герасимовски.