Светскиот шампион и добитник на „Златната топка“, Фабио Канаваро, е назначен за нов селектор на фудбалската репрезентација на Узбекистан, објави Фудбалската федерација на Узбекистан (ФС Узбекистан).
Канаваро потпиша договор во Ташкент, чии детали не се откриени. Во соопштението се наведува дека италијанскиот стручњак ќе ја предводи репрезентацијата на претстојното Светско првенство во 2026 година што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Канаваро го замени Тимур Кападзе на селекторската позиција, откако Узбекистан во јуни за прв пат во својата историја се квалификуваше на Мундијалот.
Во стручниот штаб на Канаваро ќе бидат Еугенио Албарела, Франческо Троазе и Антонио Кименти. Во својата тренерска кариера, Канаваро претходно ги водеше Динамо Загреб, Удинезе, Беневенто, Гуангжу, Тјанџин, Ал Наср и кинеската репрезентација.