Здружението на судии со сочувство за убиството на судијата во Тирана: Апел за заштита на судската функција

Здружението на судии на Република Северна Македонија (ЗСРСМ) изрази најдлабоко жалење и искрено сочувство по трагичниот настан во Република Албанија, каде што судија беше смртно застрелан при вршење на својата службена должност во Апелациониот суд во Тирана. Убиен е судијата Астрит Калаја, во кого пукало лицето за кое се читала пресудата.

​Здружението истакнува дека овој чин претставува сериозен напад врз независноста и достоинството на судиската функција и е потсетник дека судиите мора да ја извршуваат својата работа слободно, професионално и без страв за личната безбедност.

​„Владеењето на правото е можно само кога судството е заштитено од каков било притисок или закана“, се наведува во соопштението.

​ЗСРСМ упати апел до сите релевантни институции и чинители во општеството да придонесат кон зачувување на достоинството и безбедноста на судиската професија.

​Тие, исто така, повикуваат на особена внимателност во јавното коментирање на судските постапки и носителите на судската власт, особено од страна на влијателни поединци и структури.

​Според Здружението, неодмерените изјави можат да создадат атмосфера на недоверба и притисок, што индиректно може да поттикне несакани и трагични настани.

​Здружението на судии останува посветено на промовирањето и заштитата на независноста, непристрасноста и безбедноста на судиите, како основа за праведно и демократско општество.