Бујар Османи: 19 октомври е „ден на политичка трансформација“, Чаир 20 години е заробен

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја нагласи историската важност на 19 октомври, нарекувајќи го „ден на политичка трансформација” и пресвртница што ќе ја определи иднината на општината, државата и нацијата.

​„19 октомври ќе остане запишан во историјата како денот кој ја определил насоката на државата, на нацијата и на нашата општина”, изјави Османи.

​Тој потенцираше дека изборите на 19 октомври не се обично гласање, туку морална и човечка должност кон Чаир и неговите жители. Османи порача дека со едно излегување на избори, граѓаните можат да донесат „четири големи победи“ кои директно ќе влијаат на животот на семејствата, општината и државата.

​Османи остро ја критикуваше актуелната владејачка структура во општината, опишувајќи ја како олигархија која владее однадвор и се збогатува на грбот на граѓаните.

​„Чаир 20 години е заробен од оние што ја задавија општината и не ѝ дозволија да дише. Општината од сервис за граѓаните е претворена во инструмент на една клика што се збогатуваше на нивна сметка”, рече Османи. Тој обвини дека оваа структура им ги земала „водата, тротоарите, патиштата, здивот, воздухот“ на граѓаните.