Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најмногу дожд до 8 часот изутринава наврнало во Демир Капија (девет литри на метар квадратен), додека најмалку има во Претор (еден литар на метар квадратен).
Синоптичарите за денеска најавуваат облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе престанат кон крајот на денот.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој локално може да достигне брзина и над 60 km/h.
Максималната температура денеска ќе се движи во интервал од 8 до 16 степени.
Во Скопје се очекува слично време со засилен северен ветер и максимална температура до 14 степени.
Од утре се очекува стабилизација на времето со слаб до умерен северен ветер и пораст на дневните температури.