Кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, во гостување на „Вистинска телевизија“ изјави дека Општината се наоѓа во незавидна состојба, обележана со бетонизација и недостаток на визија за хуман развој.
„Најголем предизвик е бетонизацијата во Ѓорче Петров која мора да ја запреме, има прекумерно и неконтролирано градење на секој чекор, надвор од секоја урбана логика“, истакна Ацевски.
Тој најави дека неговиот прв чекор за справување со урбаниот хаос ќе биде:
Стопирање на издавањето решенија за градби со категоризација А2, односно забрана за изградба на нови згради.
Ревизија на сите Детални урбанистички планови (ДУП-ови) во Општината.
Забрана за градење во централното подрачје
Ацевски е дециден дека градењето згради на секој чекор не е ниту урбанизација, ниту економски развој. Тој ќе ја спречи праксата на „изигрување на законите“ каде што одобренијата за куќи преку ноќ се претвораат во згради.
„Централниот дел на Ѓорче, Хром, делот околу Александрија тука веќе не може да се градат повеќе згради“, изјави Ацевски, посочувајќи дека моментално се планираат или подготвуваат уште минимум десетина згради, од кои некои се висококатници над 20 ката, иако највисоката зграда во Ѓорче во моментов е 10 ката.
Развојот на Општината ќе биде насочен кон делови каде локациските услови го дозволуваат тоа, додека во деловите без ДУП-ови ќе се работи на решавање на основните проблеми на граѓаните.
Како други приоритети, Ацевски ги наведе:
Чиста и зелена општина и системска грижа за хигиената.
Решавање на проблемот со притисокот на водата.
Капитални, инфраструктурни решенија во однос на сообраќајот за развој на Општината.