Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, денеска остро реагираше на вооружениот напад врз нивниот кандидат и носител на советничката листа во Општина Липково, д-р Зеќирија Шахини, кој беше ранет од маскирано лице пред Општина Куманово.
Адеми изрази длабока загриженост, потенцирајќи дека иако животот на Шахини е надвор од опасност, самиот факт што ваков „атентат“ се случува во сред изборна кампања претставува „сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста“ во државата.
„Ова не е обичен инцидент, туку тежок, намерен и морбиден чин кој има за цел да создаде несигурност, страв и тензии“, нагласи Адеми.
ДУИ остро го осуди „варварскиот и криминален акт“ и побара итна, сериозна и транспарентна реакција од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство.
Адеми ја критикуваше првичната информација од МВР дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“, спротивставувајќи ја со сведоштвата и снимките од безбедносните камери.
„Првичните факти… јасно укажуваат на директен напад од вооружено и маскирано лице кое делувало со јасна намера да му го загрози животот на нашиот кандидат. Ова не е обичен случај, туку настан со силни индикации за атентат, и мора да се третира како таков.“
Потпретседателот на ДУИ постави јасни барања:
Да се преземе итна акција, без одложувања и без политички калкулации.
Да се идентификува и уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на нападот.
Јавноста да биде навремено и транспарентно информирана.
Адеми предупреди дека секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста. Тој порача дека ако може политички кандидат да биде нападнат со огнено оружје во сред град, тогаш „ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден“. ДУИ повика Владата, МВР и Јавното обвинителство веднаш и сериозно да постапат како гаранти на редот и законот.