Филипче до Мицкоски: Престанете со спинови, соочете се со економските проблеми

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Мицкоски да престане со, како што ги нарече, „спинови“ и да почне да се соочува со реалните економски проблеми во државата.

​„Премиерот треба да престане да спинува. Има сериозни економски проблеми и прашања на кои треба да одговори. Кога човек нема што да каже, кога нема со што да се пофали – ниту проект, ниту добра прогноза за земјата – тогаш забегува кон вакви некакви лаги,“ изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавите на премиерот.

​Лидерот на СДСМ оцени дека владата се соочува со сериозна економска стагнација, што, според него, го потврдуваат и меѓународните институции.

​Филипче посочи на конкретни економски проблеми: „Нема раст, има пад на просечната плата, скок на цените на основните производи, затворање компании и луѓе кои секојдневно остануваат без работа.“

​Наместо да се занимава со овие проблеми, Филипче обвини дека премиерот „измислува афери и скандали.“

​Лидерот на СДСМ оцени дека државата оди кон економски колапс и дека е време владата да преземе одговорност.

​„Време е оваа влада да сфати дека или треба да ја води државата како што треба – или да си оди. Граѓаните не заслужуваат незаинтересирана власт без резултати и без работа,“ порача Филипче.