Ѓорѓиевски: Шуто Оризари добива Културен дом „Есма Реџепова“, фудбалски стадион и социјален пакет

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја претстави својата визија за Општина Шуто Оризари, најавувајќи низа капитални инвестиции кои имаат за цел рамномерен развој и создавање на нови можности за спорт, култура и социјална поврзаност.

​Ѓорѓиевски најави изградба на нов Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично. Домот ќе биде посветен на амбасадорот на ромската култура и ќе претставува простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности.

​Во областа на спортот, се предвидува:

​Изградба на нов фудбалски стадион со терен за голем фудбал, трибини, соблекувални, осветлување и пристапна инфраструктура.

​Обнова на Спортскиот центар „Шуто Оризари“ со целосна реконструкција на терените, засадување на нови дрвја, зелени површини и урбана опрема.

​Социјални мерки: „Скопје – град кој се грижи за сите“

​Ѓорѓиевски промовираше и дел од пакетот социјални мерки насочени кон граѓаните во социјален ризик. Проектот „Скопје – град кој се грижи за сите“ ќе обезбеди системска, одржлива и праведна поддршка, преку:

​Финансиска помош и хуманитарни пакети за социјално загрозени семејства и поединци.

​Психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација.

​Формирање прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација за бездомниците.

​Кандидатот порача дека овие вложувања се дел од интегрираната визија за Скопје – град кој расте рамномерно и создава можности за сите, бидејќи „Скопје е силно само кога сите негови општини се силни“.