Димитар Кулибанов, независниот носител на листа за советници во Општина Аеродром, влегува во локалната политика со ветување за целосна транспарентност и фокус на граѓанските, наместо партиските интереси. Во интервјуто, Кулибанов ги открива своите конкретни планови за справување со најгорливите проблеми во Аеродром – од хроничниот недостаток на паркинг преку воведување на дигитални решенија, до тоа како ќе се справи со урбанистичкиот хаос и корупцијата како „црвена линија“ во неговата работа. Како независен, тој отворено зборува за предизвиците на кампањата без партиска логистика и за тоа зошто верува дека иднината на Аеродром е во отворена и чесна општина.
Азманоски: Дали е можна „виртуелна зона“? Аеродром континуирано се соочува со притисок од урбанизацијата и недостаток на паркинг. Како независен, како конкретно планирате да го решите проблемот со паркирањето во густо населените делови, без да посегнете по уништување на преостанатото зеленило? Дали вашиот план вклучува воведување на некаква ‘виртуелна зона’ за жителите, која ќе ја замени потребата од нови бетонизирани паркинг места?
Кулибанов: Аеродром веќе го достигна својот лимит во поглед на изградба на паркинзи. Затоа не треба да градиме нови паркинзи по цена на зеленило, туку да ја користиме технологијата. Мојата идеја е воведување дигитална паркинг-зона, систем каде жителите преку мобилна апликација и дигитални табли ќе имаат увид на слободно место во радиус на нивниот блок. Со тоа се спречува долгото заобиколување низ паркинг просторот. Паралелно, ќе предложам изградба на монтажни гаражи на неколку локации – без уништување на постојаното зеленило. Како поборник за вистинска децентрализација, сметам дека ингеренциите за паркирање треба да се префрлат од ЈПГП и да се формира ново, општинско претпријатие на Аеродром. Парите што се плаќаат секојдневно за паркинг треба да останат во нашата општина – за подобра инфраструктура, повеќе зеленило и проекти што директно ќе им користат на граѓаните.
Азманоски: Како ќе ја избегнете „стапицата“ на коалиции те? Вие сте независен кандидат. Што ако добиете мандат, но вашите предлози бидат постојано блокирани од советничката мнозинство од партиските листи? Која е вашата ‘точка на пресек’ – со која партија би коалицирале за одреден проект, а кога цврсто би рекле ‘Не’ и би го одбиле гласот, дури и по цена на сопствен неуспех?
Кулибанов: Јас немам обврска кон ниту една партија, мојата обврска е кон граѓаните. Ако некој предлог е добар за Аеродром, ќе го поддржам без разлика од кого доаѓа. Но, ако нешто е штетно, ќе бидам првиот што ќе биде против. Не се плашам од блокади, како независен советник значи да им служиш на луѓето, не на интересите. Мојата „црвена линија“ е корупцијата, клиентелизмот и урбанистичкото уништување. Со тоа не се прави коалиција.
Азманоски: Колку е ‘отворена’ општинската каса? Барате транспарентност, но како тоа би изгледало во пракса? Како Кулибанов би го трансформирал општискиот буџет во ‘буџет на дланка’ за граѓаните на Аеродром? Дали сте подготвени да воведете месечно објавување на сите налози за плаќање над одреден износ, за секој граѓанин да знае каде одат неговите пари?
Кулибанов: Транспарентноста не значи само да се објави буџет на веб-страна, туку да се направи разбирлив. Ќе предложам интерактивна алатка на општинската веб-страна каде секој граѓанин може да види каде оди секој денар. Ќе барам месечно јавно објавување на сите плаќања над 50.000 денари и можност граѓаните да учествуваат во донесување на буџетот. Само отворена општина е чесна општина.
Азманоски: Како ќе ги решите меѓуопштинските проблеми? Делови од Аеродром, особено околу Лисиче, се соочуваат со проблеми како отворени канализации, лоша патна инфраструктура и близина до депонија. Како општински советник, како ќе иницирате конкретна меѓуопштинска соработка со соседните општини (како Гази Баба или Студеничани) или со Градот Скопје, за да решите проблеми кои ги надминуваат границите на Аеродром?
Кулибанов: Проблемите со Вардариште се поврзани со Општина Гази Баба. Ќе побарам меѓуопштински совет за екологија и заштита на животна средина кој ќе заседава еднаш месечно со претставници од сите засегнати општини и Градот Скопје. Би се фокусирале на неколку приоритети: зголемени контроли, мониторинг и трајна санација на депониите. Само преку координација може да се реши реален проблем – не преку префрлање вина.
Азманоски: Што нуди Аеродром за да ги задржи младите семејства? Многу млади семејства со деца се иселуваат. Освен игралишта, кои се две уникатни содржини или услуги кои Кулибанов би ги вовел во Аеродром (на пр. центри за стартапи, субвенции за спортски/уметнички активности, програми за менторство) за да им го подобри квалитетот на животот и да ги задржи младите?
Кулибанов: Аеродром мора да стане општина која нуди перспектива. Ќе иницирам младински стартап-центар, простор каде младите ќе можат бесплатно да работат, добијат менторство и поврзување со инвеститори. Второ, ќе предложам субвенции за спортски и уметнички активности за децата до 18 години. Тоа е најдобра инвестиција – да ги задржиме младите со можности, не со празни ветувања.
Азманоски: Кој ќе ја сноси одговорноста за старите ДУП-ови? Многу од сегашните проблеми произлегуваат од спорните Детални Урбанистички Планови (ДУП) донесени во минатото. Како планирате да се справите со нив – дали сте за ревизија и стопирање на одредени веќе започнати градежни проекти, и дали сте подготвени јавно да побарате кривична одговорност за оние кои ги донеле најштетните планови?
Кулибанов: Јас сум за целосна ревизија на сите спорни ДУП-ови, особено оние што го уништуваат јавниот интерес. Ако е нешто незаконито, мора да се стопира. Општината има обврска да ги заштити граѓаните, не инвеститорите.
Азманоски: Колку чини независноста?Многу партиски кандидати имаат сигурна финансиска и логистичка поддршка. Вие настапувате како независен. Која е најголемата лична жртва што моравте да ја направите (финансиска, семејна, професионална) за да ја одржите својата независност и да ја изнесете оваа кампања до крај? Што всушност ве мотивира да се борите против партискиот апарат?
Кулибанов: Независната кампања дефинитивно е тешка, но со еден позитивен став некако ми причинува задоволство. Најголемата жртва е професијата, но од друга страна чест и задоволство е поддршката што ја добивам секој ден од граѓаните. Не се борам против некого, напротив се борам за достоинство, чесност и нова култура на политика во Аеродром.