Меџити го повика Османи на јавен дуел: Избери место, доаѓам – да ги соочиме аргументите!

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВРЕДИ, Изет Меџити, на митинг во Арачиново, повторно го повика својот противкандидат, Бујар Османи, на јавно телевизиско соочување, обвинувајќи го дека се обидува со задоцнето „глумење“ да создаде лажен впечаток во јавноста. Меџити порача дека Османи го одбивал дуелот сѐ додека не сфатил дека ја губи изборната битка.

​„Толку се контрадикторни и не знаат што зборуваат. На почетокот на кампањата јавно го повикав мојот противкандидат да излеземе на телевизиски дуел, да се соочиме, затоа што ВРЕДИ донесе конкуренција меѓу Албанците, конкуренција на албанската политичка сцена, конкуренција во идеи, во програми,“ истакна Меџити.

​Тој потсети на претходната изјава на Османи: „А неговиот одговор беше: Јас ќе излезам на дуел со Мицкоски, не со овие! А вчера и завчера го слушнав, откако виде дека ја губи битката и нема што повеќе да изгуби, отиде и глумеше пред МРТВ, ‘Еве дојдов, Изет не дојде’“.

​Меџити ја искористи говорницата во Арачиново, која ја нарече „непокорената тврдина“, за да му упати директен предизвик на Османи:

​„Бујар, избери го местото, избери го медиумот, сам, заедно со Али Ахмети, со Артан Груби, со твојот тим, со ПР агенциите што ги имаш, ајде во кој сакаш медиум, на мегдан, на плоштад, каде што сакаш, таму ќе дојдам. Ќе ги соочиме нашите политички аргументи, нашите идеи, нашите проекти, нашата програма, нашата визија,“ порача Меџити.