Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, јавно ја критикуваше Австриската амбасада и упати остар протест поради непрописно паркирање на нивно возило во пешачка зона во населбата Капиштец, нагласувајќи дека за странските дипломати мора да важат истите прописи како и за сите други граѓани.
Герасимовски порача дека дипломатските таблички не смеат да се користат како алиби за непочитување на сообраќајните правила.
„Испративме остар протест до Амбасадата на Република Австрија поради непрописно паркирање на нивно возило среде пешачка зона во Капиштец. Таквите постапки се спротивни на сообраќајните правила и можат да ја нарушат јавната безбедност,“ истакна Герасимовски.
Според него, почитувањето на локалните прописи е основен принцип кој важи за сите, без исклучок.
Кандидатот на СДСМ изрази убеденост дека, и покрај ваквите инциденти, со заемно почитување и соработка со дипломатската заедница, ќе продолжат да се градат добрите односи и разбирањето меѓу институциите, во интерес на јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Центар.