​Ацевски: Зошто Мицкоски и Ѓорѓиевски чекаат избори? Состојбата со хигиената е алармантна, нека го исчистат Скопје веднаш!

Кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, упати директен предизвик до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и до неговиот кандидат, Орце Ѓорѓиевски, да не чекаат избори, туку веднаш да ја решат алармантната состојба со хигиената во Скопје. Ацевски истакна дека сите институционални лостови се во нивни раце.

​„Мицкоски и Орце Ѓорѓиевски да не чекаат избори и да го исчистат градот сега. Самиот премиер излегува со Орце Ѓорѓиевски и вели дека ќе го исчистат Градот Скопје за 72 часа ако победи нивниот кандидат. Зошто сега не го исчистат за 72 часа?“ праша Ацевски во гостувањето на Вистинска телевизија.

​Ацевски потсети на одговорните позиции кои ги држат кадри на ВМРО-ДПМНЕ:

​„Кандидатот за градоначалник на Град Скопје е претседател на ЗЕЛС. Управниот одбор и претседател на УО во ЈП Комунална хигиена се кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Владата е предводена од ВМРО-ДПМНЕ.“

​Тој предложи конкретни мерки што можат да се преземат веднаш, нагласувајќи дека состојбата е де факто вонредна.

​„Што ги спречува сега ЗЕЛС и Општините во Градот Скопје да прогласат една, условно кажано, вонредна состојба? Да назначат повереници во ЈП Комунална хигиена, ако тој кадар од ДУИ или од Данела Арсовска не функционира, да му ги одземат ингеренциите, преку претседателот на ЗЕЛС градоначалниците во Град Скопје да спроведат акција. Се соочуваме со потенцијален екоцид, зошто не го исчистат градот сега?“ заклучи Ацевски.