Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави дека Општина Кисела Вода конечно ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, која ќе се финансира со средства од унгарски кредит, обезбеден преку Владата предводена од Христијан Мицкоски. Овој проект, кој е долгогодишно барање на граѓаните, треба да обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за жителите.
„Кисела Вода конечно ќе добие нова, современа поликлиника во населбата Расадник, здравствен објект што ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги за сите жители од овој дел на општината,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека со години жителите на Кисела Вода биле принудени да патуваат до други делови на градот за секој лекарски преглед. Како што објасни, за разлика од изминатите триесет години во кои оваа тема била само празно ветување, сега веќе е обезбедена градежна парцела и целосно е изработен основниот проект.
Новата поликлиника ќе се простира на површина од 1.780 квадратни метри и ќе има подрум, приземје и кат. Објектот ќе биде лоциран спроти кафулињата, зад постојниот паркинг во Расадник.
Во новата поликлиника ќе бидат сместени сите неопходни служби за современа здравствена заштита. На приземјето ќе има лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари. На катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.
Ѓорѓиевски изрази голема благодарност до Владата и Премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека оваа соработка покажува дека споделуваат заеднички цели – создавање подобри услови за живот.
„Благодарение на поддршката од Владата, во општина Кисела Вода во моментов над дваесет капитални проекти или се реализираат или започнуваат со реализација во следниот период,“ рече Ѓорѓиевски, заклучувајќи дека ова е доказ оти кога се работи посветено, ветувањата стануваат реалност.