Изборниот караван на Партијата за движење на Турците (ТХП), предводен од претседателот Енес Ибрахим, вчера бил спречен од полициски службеници да ги реализира своите изборни активности во селото Корешница, Општина Демир Капија, соопшти партијата, осудувајќи го настанот како „непрофесионален и агресивен пристап“.
Од ТХП тврдат дека нивниот караван бил пресретнат од полициско возило без функционална сигнализација.
„Полициските службеници постапија на крајно непрофесионален, недоличен и агресивен начин, задржувајќи нѐ цел час во центарот на селото, при што предизвикаа вознемиреност и кај локалното население“, велат од партијата.
Според Партијата за движење на Турците, ваквиот пристап е неприфатлив за едно демократско општество, особено во екот на изборната кампања. Наместо да внесе чувство на сигурност, полицијата демонстрира однесување кое, како што велат од ТХП, создава страв и притисок.
За овој инцидент веќе се информирани сите релевантни меѓународни организации кои го следат изборниот процес, а најавено е и дека ќе бидат поднесени соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Апелираме до МВР итно да преземе мерки за целосно расчистување на случајот и да стави крај на полициската агресија врз граѓаните. ТХП и турската заедница нема да подлегнат на вакви провокации и притисоци. Напротив, продолжуваме со уште поголема решителност и мотивација да ги реализираме нашите изборни активности, со единствена цел – демократски, транспарентни и фер избори“, порачаа од партијата.