Општинската организација на СДСМ Пробиштип ја засили кампањата со жесток напад кон советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миновски, кој го нарекоа „послушник на скандал мајсторот Тозо“, барајќи од него итно да објасни како успеал да купи два стана во Штип со неговите примања, наместо да ја дефокусира јавноста. СДСМ отвори серија прашања за неговото работење, обвинувајќи го за директна блокада на важни општински проекти и за непотизам.
„Послушнику на скандал мајсторот Тозо, Миновски, 48 часа граѓаните чекаат да објасниш како успеа да купиш два стана во Штип со твоите месечни примања од плата во ЈКП ‘Никола Карев’ во Пробиштип и советнички паушал, а не да дефокусираш од темата,“ стои во соопштението.
СДСМ го обвини Миновски дека се обидува да биде „видео ѕвезда“ во кампањата на Тоневски за да ја прикрие вистината за неговите резултати.
„Граѓаните знаат сѐ и помнат сѐ. Затоа и не излегуваат на средбите со вас, изморени да ги слушаат вашите бајки и приказни креирани на бесплатни апликации за виртуелна реалност,“ порачаа од СДСМ.
Партијата упати директни и конкретни прашања до советникот:
Дали е точно дека како советник во Советот на општина Пробиштип директно ја имаш блокирано одлуката за санација на јаловишната депонија?
Дали е точно дека си ја вработи сопругата на неколку часа пред распишување на изборите во Агенцијата за храна и ветеринарство во Пробиштип?
Дали е точно дека имаш стекнато имот за тебе и за твоето потесно семејство кој го немаш пријавено во анкетниот лист?
Дали е точно дека директно имаш учествувано во купување и препродавање земја за изградба на фотоволтаици во атарот на селата Бучиште и Петршино?
Дали е точно дека против тебе има поднесено кривична пријава?
„Граѓаните, Миновски, чекаат одговор. Ти ќе им одговориш или ние да објавиме? Ти, Миновски чест и достоинство докажано немаш, но сега разбираме, а разбираат и граѓаните дека и срам немаш,“ заврши СДСМ.