Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека неговите напори за прекин на војните не биле мотивирани од Нобеловата награда за мир, туку од желбата да спаси животи, истовремено нагласувајќи дека нема став во врска со прашањето за идна палестинска државност.
Трамп посочи на своите достигнувања во намалувањето на конфликтите.
„Никој во историјата не ги спречил осумте војни во период од девет месеци, а јас го направив тоа. Но, тие ќе прават што сакаат. Што и да прават, во ред е. Не го направив тоа за награда. Го направив тоа затоа што спасив многу животи“, објави американскиот претседател, пренесува „Гардијан“.
Во однос на преостанатите прашања по договорот за прекин на огнот во Газа, Трамп изрази оптимизам за нивно решавање, но нагласи дека нема намера да заземе став околу идната палестинска државност.
„Немам став за тоа. Ќе прифатам што и да се договорат,“ нагласи Трамп, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Тој, исто така, потврди дека ќе отпатува во Египет за официјалното потпишување на договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел. Дополнително, Трамп објави дека ја прифатил поканата да зборува во израелскиот Кнесет.