Потресна исповед на таткото на Мартин Сипковски: Мојот син беше жртва, а не сторител – барам истрага и во Македонија!

Дејан Сипковски, татко на 21-годишниот Мартин Сипковски, кој трагично загина во експлозија во Белград, со длабока болка и неверување ја отфрли јавната шпекулација дека неговиот син е поврзан со поставувањето на експлозивот. Во потресно соопштение до јавноста, семејството бара итна, целосна и објективна истрага од надлежните органи и во Македонија и во Србија, тврдејќи дека Мартин е жртва на манипулации и злоупотреба.

​Сипковски тврди дека Мартин бил исплашен и измамен:

​Таткото го опишува Мартин како млад човек со многу енергија и соништа, студент на Факултетот за менаџмент, манекен и поранешен ракометар на РК Вардар, чиј живот бил прекинат на неразјаснет начин.

​„Во јавноста се појавија бројни шпекулации и неточни информации дека Мартин бил поврзан со поставување експлозив. Сакам јавно и одговорно да кажам дека тоа не е вистина!“ нагласува Дејан Сипковски.

​Тој признава дека неговиот син имал „детски и пубертетски грешки“ и судири со законот, но „никогаш не бил насилен човек и никогаш не би одзел туѓ живот“.

​Семејството потенцира дека судскиот случај со кој Мартин бил поврзан во Македонија бил сомнителен од самиот почеток, бидејќи доказите укажувале дека тој воопшто не бил присутен на местото на настанот. Тие алармираат дека Мартин не бил првообвинет, туку дека бил вклучен подоцна во процесот, додека првообвинетиот со сериозно криминално досие одамна е избеган во Белград.

​Барање за истрага и во Македонија

​Според таткото, пресудата во Македонија била длабоко неправедна и неоправдана, што го натерало Мартин да биде „исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв“ и да замине во Белград со лажни ветувања за заминување во трета држава.

​„Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија,“ вели Дејан Сипковски.

​Поради ова, семејството бара целосна, темелна и објективна истрага, не само од надлежните органи во Србија, туку и од институциите во Македонија.

​„Вистината мора да се открие до крај и да се расчисти секој чекор што довел до оваа трагедија. Мартин не беше сторител, туку жртва на околности и манипулации кои го надминале неговото искуство и возраста,“ заклучува таткото.

​На крајот, тој упати апел до медиумите да покажат човечност и одговорност, бидејќи зад „кликовите“ стои скршено семејство, вклучително и неговата 17-годишна ќерка.