ОЈО Куманово: Поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста против поранешната сопруга на д-р Шаини

По случајот со пукањето кон докторот Зекирија Шаини во Куманово, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово соопшти дека е доставена кривична пријава за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешната сопруга на оштетениот.

​Од ОЈО информираа дека пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани.

​Сепак, обвинителството нагласува дека сѐ уште се проверуваат индициите за евентуална инволвираност на овие, но и на други лица, во самиот инцидент со пукањето. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија.

​И покрај тоа што полициски службеници ја лишија од слобода 43-годишната А.А. од Тетово (поранешна сопруга на д-р Шаини), таа вчера беше ослободена од притвор бидејќи, како што соопшти обвинителството, немало докази да се поврзе нејзиното учество во обидот за убиство.

​Полицијата, пак, интензивно трага по Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој е осомничен како директен извршител на нападот и кој во моментот е во бегство.