Носителот на советничката листа на СДСМ за Општина Ѓорче Петров, Дејан Трајковски, на денешниот собир ја побара довербата од сограѓаните, истакнувајќи дека неговата борба е за враќање на достоинството на ѓорчепетровци преку решавање на реалните проблеми и создавање општина со „европски шмек“.
Трајковски, кој и самиот живее во општината, порача дека средбата не е само кампања, туку средба меѓу луѓе на кои им е грижа за своето маало.
„Длабоко, како човек што живее тука, ги знам проблемите, од првата дупка на улицата до секоја улична светилка што не работи. Знам што значи да чекаш автобус, кога децата немаат каде да спортуваат, кога воздухот мириса на чад, а не на свежина. И токму затоа сум тука… затоа што ми е грижа,“ рече Трајковски.
Трајковски најави дека неговиот план за Ѓорче Петров е јасен и остварлив, фокусиран на конкретни работи, а не на „празни ветувања“:
- „Улиците и тротоарите мора да бидат подобри… затоа што достоинството на граѓанинот почнува од тоа каде тој чекори.“
- Грижа за почиста и посредена Општина, каде што „секое маало заслужува зелена површина, а не дива депонија.“
- Вложување во младите и спортот, бидејќи „иднината на Ѓорче не се партиските интереси, туку генерациите што доаѓаат.“
Трајковски нагласи дека тој и неговиот тим не се гости во општината, туку нејзин дел, соседи и пријатели на граѓаните.
„Нашата борба не е за функции – нашата борба е за достоинство на секој човек… Ќе има отпор кон нас, ќе има критики за нас, ќе има и многу кажани лаги… Но, ние знаеме дека чесната работа се гледа и дека народот прави разлика меѓу искреност и интерес,“ порача носителот на листата.
На крајот, тој ги повика граѓаните да ја поддржат советничката листа на СДСМ, со порака дека „Ѓорче не е ничија партиска територија, туку наш дом“.
„Да направиме Општина што ќе чекори напред… Да направиме поуспешна Општина… Да направиме Општина со европски шмек!“ заклучи Трајковски.