Поранешниот претседател Стево Пендаровски, во гостувањето во поткастот „Политиканти“ на Инфомакс, коментирајќи го наводниот скандал за следење на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, изјави дека на премиерот не му било кажано оти еден од соработниците на тајните служби што ги цитирал со кодно име е дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски претходно цитираше кодно именувани соработници на тајните служби – „Цилиндар“ и „Џокер“ – за да ја докаже тезата дека бил следен.
Пендаровски ја доведе во прашање суштината на наводното следење: „Не знам какво е тоа следење, да те следат дека дигаш тегови или да одиш на Водно со семејството, каков разузнавачки податок ќе добиеш од тоа?“
Поранешниот претседател нагласи дека има информации за идентитетот на лицата што ги спомнал Мицкоски:
„Не знам дали му кажале или не, ама едниот од тие што го спомна, а го следеле, е во највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот е соработник на најмоќната странска служба,“ објасни Пендаровски.
Со ова, Пендаровски индиректно сугерира дека скандалот со наводното следење има димензии кои сериозно го засегаат и раководството на актуелната владејачка партија.