Полицијата поднесе кривична пријава против двајца инспектори од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Тетово, под сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“ (член 368-а од Кривичниот законик). Скандалот е поврзан со случај во кој еден од осомничените инспектори е родител на лице лишено од слобода за трговија со дрога.
Пријавата е поднесена против Џ.Н. (Виш инспектор за оружје) и О.С. (Самостоен инспектор за дрога).
Според информациите од МВР, првопријавениот инспектор (Џ.Н.), кој бил задолжен за предметот против две лица осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги (член 215), му овозможил на второпријавениот (О.С.) да има целосен и неовластен пристап до доверливи информации и докази.
Второпријавениот (О.С.), иако не бил работно ангажиран во предметот, туку бил родител на едно од лишените лица, активно се вклучил во службените дејствија:
- Имал целосен увид во службената документација.
- Ја пренесувал документацијата од една во друга просторија.
- Ги придружувал лицата лишени од слобода и давал насоки при постапувањето.
- Бил присутен и учествувал во разговорот со осомничените.
Најсериозното обвинение е дека второпријавениот добил пристап до привремено одземениот мобилен телефон на неговиот син, при што му било овозможено да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата за дрога.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против инспекторите Џ.Н. и О.С. ќе поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место.