Остра реакција на Адвокатската комора до Обвинителството: Дописот на Коцевски е мешање во независноста на адвокатите

Адвокатската комора на Република Северна Македонија (АКРМ) испрати остро писмо до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, како одговор на неговиот допис во кој се жали дека дел од адвокатите со јавно изнесени ставови за случајот „Кочани“ го нарушуваат интегритетот на истрагата.

​Од Комората ја оквалификуваа реакцијата на Обвинителството како „директно мешање во работата на адвокатите“ и обид да се „замолчи и спречи одбраната и полномошниците на оштетените“ во нивното произнесување и правилно информирање на јавноста.

​АКРМ категорично ги отфрла обвинувањата дека адвокатите влијаат на времетраењето на истражната или претстојната судска постапка. Тие нагласуваат дека, спротивно на принципите на тајност, Јавното обвинителство било тоа кое во изминатиот период на прес-конференции поединечно навело кои лица се обвинети, за што се обвинети и какви дејствија преземале – и тоа пред обвинителниот акт да стапи на сила.

​„Сакаме да истакнеме дека Јавното обвинителство беше тоа кое што во изминатиов период на прес конференции наведе поединечно кои лица се обвинети… и тоа уште пред да стапи обвинителниот акт на сила,“ се вели во писмото од Комората.

​Реакциите на Обвинителството и АКРМ следеа по изјавата на адвокатката Сузана Анастасовска, бранител во случајот „Кочани“, која во „Студио 10“ посочи дека не ѝ е доставен целиот доказен материјал, вклучувајќи ги и пораките меѓу инспекторите на УЈП и сопствениците на дискотеката „Пулс“.

​Обвинителот Коцевски, пак, во својот допис напишал дека адвокатката „кажува невистини“ со цел да го наруши интегритетот на истрагата. Анастасовска го оквалификува писмото како притисок и директен напад врз нејзината слобода на говор и професионална независност.

​На страната на колешката застана и адвокатот Звонко Давидовиќ, кој изјави дека Обвинителството е само странка во постапката и не смее да се наметнува над судот и адвокатите, кажувајќи им што смеат, а што не смеат да зборуваат во јавноста.