Носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата во Неготино, Вуле Младеновиќ, и кандидатката за советничка, Елеонора Настова Димова, најавија дека ќе ги донираат сите свои советнички паушали во текот на целиот четиригодишен мандат за хуманитарни цели и во корист на граѓаните на Неготино.
Со оваа иницијатива, двајцата кандидати, доколку бидат избрани, ќе се откажат од вкупна сума од околу 34.000 евра. Месечните советнички примања изнесуваат околу 22.000 денари по советник.
Вуле Младеновиќ, дипломиран доктор по ветеринарна медицина, нагласи дека неговите примања ќе бидат донирани „во полза на општината“.
„Повеќе од доволно знам како е да немаш, и тоа е најмалку што можам да направам. Ги повикувам и останатите кандидати, од цела држава, да го следат овој пример,“ порача Младеновиќ.
Иницијативата е целосно поддржана од Елеонора Настова Димова, дипломиран психолог, а донираните средства ќе бидат насочени таму каде што се најнеопходни за граѓаните и заедницата.