ЕУРОГОЛ НА БАРДИ ЗА РЕМИ: Македонија се избори само за 1:1 против Казахстан и си го искомплицира Мундијалот

Фудбалската репрезентација на Македонија, и покрај огромната желба и надчовечките напори, не успеа да ја оствари посакуваната победа против Казахстан и одигра само 1:1 на Арената „Тодор Проески“ во рамките на седмото коло од Мундијалските квалификации. Со овој нерешен резултат, пласманот на Светското првенство во САД, Канада и Мексико значително се комплицира за Македонија, иако влегоа во колото како лидери во групата.

​Казахстан се покажа како исклучително квалитетен и борбен противник кој заслужено си замина со супер резултат од Скопје.

​Гостите од стартот покажаа „заби“, заканувајќи се преку Чесноков, кој во 18. минута од идеална ситуација шутираше со глава над голот. Македонија имаше неколку обиди, но ударот со глава на Ристовски беше премногу млак, додека Каиров стравично шутираше за Казахстан, за малку промашувајќи го голот на Димитриевски.

​Македонија имаше свој серијал од три шанси за две минути (34′ – 36′) преку Ристовски и Велковски, но голманот Сејсен на двапати одлично бранеше, а Стојчевски беше непрецизен.

​0:1 (56′ – ШОК): Спротивно на сите очекувања за брзо водство на Македонија, Караман ја искористи мешаницата по една нафрлена топка што не ја прифати Димитриевски и со ножички погоди за водство на Казахстан.

​По примениот гол, селекторот Милевски веднаш направи измени (влегоа Костадинов, Чурлинов и Растодер), а Костадинов веднаш имаше шанса, но шутираше покрај голот.

​1:1 (73′ – ЕУРОГОЛ): Кога не одеше од непосредна близина, се случи чудо од далечина. Капитенот Енис Барди постигна неверојатен гол од слободен удар, израмнувајќи го резултатот на 1:1.

​По израмнувањето, Македонија тргна на „сè или ништо“ со офанзивни замени. Растодер шутираше во блок, додека во 85. минута, Трајковски лошо шутираше наместо да го проигра осамениот Чурлинов, со што беше пропуштена последната голема шанса за победа.