Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Кочани истакна дека неговата главна политика во изминатата година била насочена кон темелни реформи во судството и институциите, нагласувајќи дека само со такви суштински промени може да се смени целиот систем.
Лидерот на СДСМ порача дека патот кон ЕУ е неопходен за коренити промени во државата.
„Во изминатата година, се борев за вистинска, искрена реформска промена на оваа држава. Се борев да направиме темелни реформи во судството и институциите. Се борев да ја турнеме оваа земја напред кон ЕУ затоа што само така, верувајте, можеме од корен да ги смениме работите,” изјави д-р Филипче.
Филипче говореше и за потешкотиите и недостатокот на политичка волја кај дел од опозициските лидери за обединување околу реформите.
„На моменти се понижував и одев да разговарам со сите лидери за да им објаснам дека е важно да направиме национално обединување околу реформите… Но не прифатија. И ме исмејуваа дека сум бил наивен”, рече тој.
Тој ја отфрли перцепцијата дека неговата посветеност е наивност, истакнувајќи дека искрената борба за промени и подавањето рака за решавање на децениски застои е лидерство.
Филипче заклучи дека реформите, чесноста и одговорноста се единствената патека што ќе обезбеди стабилна, праведна и европска иднина за сите граѓани.
„Наназад не можеме да ги смениме работите, но можеме да извлечеме поуки и да го смениме системот. Да ја смениме иднината”, порача д-р Филипче.