Независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Горан Марковски, поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“, најави дека магацините на „Славија“ во Општина Кисела Вода можат да се трансформираат во уреден јавен и мултифункционален простор наменет за алтернативната културна сцена, креативната индустрија и младите.
Марковски повика на зачувување на овој простор како градителско наследство, наместо да се дозволи да прерасне во „колосални станбени објекти кои дополнително го загушуваат овој град“. Тој истакна дека на Скопје му недостасуваат простори за социјализација на младите и организирање настани.
Јана Белчева Андреевска, носителка на листата за советници во Град Скопје на „Независни заедно“, ја поддржа идејата, нагласувајќи ја потребата од реставрација:
„Наместо само да се руши и одново да се гради, добро е да ги следиме и принципите на циркуларната економија и примерите на европските метрополи, да реставрираме објекти од ваков тип, да им дадеме живот и да добијат нова вредност во новото време кое го живееме.“