Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир „Се бориме за нашиот дом“ во Битола, остро ја критикуваше актуелната локална власт, нагласувајќи дека градот е оставен на маргините.
„Четири години, Битола е оставена на маргините. Четири години, градот што некогаш беше препознатлив по култура, по историјата, по урбаниот дух сега се гуши во застој, смет и запустеност. Проектите стојат, улиците пропаѓаат, а младите си заминуваат. Нема визија, нема стратегија, нема ниту основна одговорност”, порача Филипче.
Тој нагласи дека е време за промена која доаѓа со кандидатот за градоначалник Методија Куновски и тимот на СДСМ и Коалицијата.
„Тоа е тимот што ќе работи со вас и за вас. Ќе слуша, ќе решава, ќе биде присутен. Не само во кампања, туку секој ден. Ова се чесни луѓе, луѓе со интегритет, луѓе професионалци, кои она што ќе го ветат ќе го исполнат”, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ ги повика битолчани на 19 октомври да гласаат за бројот 5 за СДСМ и Коалицијата, за политика што носи резултати, а не изговори, и за луѓе што се борат за другите, не за себе.