Уште три дена до молк: Митинзи на ВМРО-ДПМНЕ на Исток, СДСМ во Западна Македонија

Остануваат уште три дена до изборниот молк пред локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври. Политичките партии, коалициите и независните кандидати и денеска ќе ги претставуваат своите програми и кандидати низ државата.

​Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одржи митинзи и средби со граѓани во Пробиштип, Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево. Кандидатот за Градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе одржи прес-конференција во 10:30 часот.

​Коалицијата предводена од СДСМ ќе има митинзи во Центар Жупа, Дебар, Гостивар и Маврово Ростуше. Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ќе даде изјава за медиумите во Пазар Радишани во 10:30 часот.

​Левица ќе оствари средби со граѓани и ќе претставува кандидати во Радовиш и Струмица.

​Независниот кандидат за градоначалник на Општина Гостивар, Висар Адеми, во 10:00 часот ќе ги претстави „Петте Ветувања за Гостивар“ за борба против корупцијата, отпадот и кучињата скитници.

​Стопанската комора на Северо-Западна Македонија денеска ќе се сретне со независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга, Менди Ќира, за да ја изложи својата Платформа за локален економски развој.

​Кампањата завршува на 17 октомври на полноќ.