Фудбалската репрезентација на Шпанија ја декласира Бугарија со 4:0, но по натпреварот во Барселона повторно се лути на селекторот Луис Де Ла Фуенте. Причина е што Педри, иако беше најавен за одмор поради преголемиот број на одиграни натпревари, повторно започна од првата минута.
Каталонските медиуми го критикуваат Де Ла Фуенте дека покажал непочитување кон Барселона, држејќи го Педри во игра речиси 70 минути и покрај убедливото водство од 2:0.
Селекторот по натпреварот изјави дека не сака да игра без Педри, бидејќи тој е „неверојатен и уникатен фудбалер“.
Каталонските медиуми потсетуваат дека „ФИФА вирусот“ жестоко ја погоди Барселона, бидејќи со повреди се вратија Дани Олмо и Роберт Левандовски. Тие им се придружија на претходно повредените: Гави, Фермин Лопез, Рафиња и Џоан Гарсија.
За потсетување, и по септемвриската репрезентативна пауза, тренерот Ханси Флик јавно го критикуваше Де Ла Фуенте за форсирањето на Ламин Јамал, по што младиот фудбалер паузираше речиси три недели.