Ацевски го обвини Стојкоски за нова бетонизација кај црквата Св. Архангел во Ѓорче

Костадин Ацевски, кандидат за градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ, го обвини актуелниот градоначалник Александар Стојкоски дека под превезот „населба за млади брачни двојки“ подготвува нова бетонизација на ридот во Ново Село, веднаш до црквата Свети Архангел – Гаврил.

​Ацевски тврди дека на истата парцела, каде што сега се најавува продажба на државно земјиште по урбанизација, со нива се стекнал инвеститорот Бејтула Селмани, брат на Имер Селмани. Селмани, како што посочува Ацевски, е истиот инвеститор кој ги поседува маркиците за изградба на највисоките згради во Ѓорче (21 и 18 ката) во спорниот ДУП СЗ 16.

​„Ова е имотниот лист број 91783 со кој се потврдува дека Бејтула Селмани… се стекнал со сопственост на 5446 метри квадратни на парцелата 1178/1 и станал сосопственик со Република Македонија во март месец 2022, односно на почетокот на мандатот на Александар Стојкоски“, вели Ацевски.

​Кандидатот на СДСМ побара Стојкоски јавно да одговори:

  1. ​Дали населбата за млади брачни двојки предвидува урбанизација и носење на ДУП за спорната парцела?
  2. ​Дали е случајно што инвеститорот се стекнал со земјиште токму на оваа парцела?
  3. ​Дали станува збор за претходно договорен компромис со инвеститори?

​Ацевски ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за бројот 5 и да ја спречат бетонизацијата, ветувајќи хуман развој на Ѓорче во неговиот мандат.