Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД не можат да си дозволат да ги осиромашат сопствените резерви на крстосувачки ракети „Томахавк“, кои Украина ги бара како одговор на руските напади.
„Не можеме да ги осиромашиме (резервите) на нашата земја. Ни требаат, па не знам што можеме да направиме“, рече Трамп како одговор на новинарско прашање за барањето на Киев.
Изјавата доаѓа непосредно пред денешната средба на Трамп во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој веќе побара од САД да му ги обезбедат овие ракети.
Разговор со Путин пред средбата со Зеленски
Пред средбата со Зеленски, Трамп синоќа телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. Разговорот, кој Кремљ го потврди, резултирал со договор за наскоро одржување на средба во главниот град на Унгарија.
Трамп ги информираше новинарите дека планира да се сретне со Путин во „следните две недели“ и го опиша разговорот како „многу продуктивен“. Тој, исто така, најави дека на Зеленски ќе му пренесе детали од разговорот со рускиот колега.