Кандидатката за градоначалник на Општина Бутел од СДСМ, Оливера Ливриниќ, денеска реагираше на одлуките донесени од Советот на Општина Бутел, предводен од актулниот градоначалник Дарко Костовски, обвинувајќи го за прекршување на Изборниот законик на последниот ден од кампањата.
Ливриниќ се осврна на мерките усвоени од Советот кои се однесуваат на ослободување од надоместок за оброк и ужина за децата. Иако ја поздравува содржината на одлуката, таа го оспорува времето на нејзиното донесување.
„Проблемот е начинот и времето на донесување на овие одлуки. Претседателот на Советот и градоначалникот Костовски добро знаат дека се наоѓаме во предизборна кампања, и тоа во последниот ден од истата, кога согласно закон е строго забрането донесување одлуки кои имаат финансиски импликации врз општинскиот буџет“, нагласи Ливриниќ.
Таа посочи дека Општината можела мерката да ја донесе на законски начин, на почетокот на учебната година, пред да почне изборната кампања.
Ливриниќ предупреди дека поради ваквиот потег, постои сериозна можност мерките да бидат оспорени од Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со што нема да имаат реален ефект врз граѓаните.
„Како одговорен кандидат, останувам посветена на тоа сите мерки во мојата програма да се реализираат законски, одговорно и во интерес на сите жители на Бутел“, заклучи кандидатката.