Многу за разговарање ама ќе се задржиме на губитниците.
Единствениот дебакл на изборите го доживеа СДСМ. Причината за политичкото постоење на оваа партија веќе е нејасна за сите нас. Тоа е само резултат на еден крајно нехаризматичен лидер и летаргично раководство. СДСМ мора да сфати дека никој не и должи глас и дека мора да се редефинира како партија од СТАТУТ, раководство па надоле.
ДУИ доби лекција дека старата слава е сепак само стара слава и поминаа и подобро од што очекував. Просечниот Албанец секогаш ќе и биде благодарен на ДУИ за рамковниот договор и сите стекнати права кои следеа, но е свесен дека секоја “борба” дебело е наплатена. Истовремено просечниот Албанец е оправдано огорчен од два аспекта:
1. Што Али Ахмети дозволи поединци да ги огадат тие со мака стекнати права во очите на останатите во државата до мера да бидат институционално доведени во прашање.
2. Што никогаш не успеа да се наметне како сериозен креатор на јавни политики и да промовира вистински професионалци во јавниот политички живот. Нивното наследство се сведува на приврзок во клучни процеси, јас не сум информиран за ниту една проминентна јавна политика што е автохотон продукт на ДУИ.
ДУИ 2.0 требаше да се случи уште во 2017, таа ДУИ требаше да биде пост-рамковна, сериозна европска партија која се однесува како партиите на власт во Косово и Албанија. Таа партија требаше да артикулира дека Албанците имаат пософистицирани потреби од етничките права и дека се комплетно подготвени да ја направат оваа држава подобро место за живеење заедно со своите сограѓани. Ако оваа лекција не е кристално јасна и тој процес не започне уште утре, се плашам дека ДПА на Мендух Тачи ќе ја надживее ДУИ. Али Ахмети има само уште една мисија, да собере комплетно нова екипа, да го вложи сиот свој кредибилитет во нив и да се пензионира кога ќе застанат на свои нозе пред следната изборна трка.
ВЛЕН има право само вечерва да слави, уште утре тие имаат нови партнери во Владата. Партнери кои имаат апсолутна власт односно 0 потреба за компромис и неоправдана самодоверба дека се директно одговорни за нанесување на смртни рани на СДСМ и ДУИ.
ВМРО рутински одработи како што си знае, уште без реална конкуренција. ВМРО не е толку ефективно колку што се останатите комплетно изгубени во просторот и времето.
Левица полека станува несомнена кралица на популизмот. Би сакал да кажам нешто повеќе, ама нивната супермоќ е констатација на добропознатите проблеми и капитализација на најниските страсти. Секое понудено решение има безброј дупки за примена. Тоа е пострашно од нивните геополитички гледања бидејќи сега ќе бидат фактор во многу општини каде локалните проблеми се клучни.
ЗНАМ како енигматичен играч сепак заврши анемично, налик НСДП во својот зенит.
Габриела од Битола и Венко од Кочани може само да биде горди на својот учинок со 0 ресурси, а тоа богами важи за сите непартиски и кандидати. За нив само длабок наклон и надеж дека сепак оваа држава се сака без интерес!
Од утре, Македонија има два избора, нова политичка сцена или состојба во која власт без конструктивна опозиција остава опасен вакум на кој и најдоблесните не одолеваат.
Пишува: Емир Хасановиќ