Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за обид за убиство на својот брат. Инцидентот се случил во семејниот дом во населбата Марино, а осомничениот наместо да пружи помош, го оставил повредениот да лежи во бесознание и повикал брза помош со задоцнување од речиси три часа.
Кривичното дело, квалификувано како „Убиство во обид“ од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик, е извршено на 18 октомври.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот во семејниот дом во Марино се обидел да го лиши од живот сопствениот брат, удирајќи го со дрвена ногарка по главата и по целото тело. Жртвата од ударите почнала да крвари од главата и изгубила свест.
Наместо да му помогне на својот брат, осомничениот си легнал да спие.
Следниот ден, кога се разбудил, го видел братот како лежи во крв и без свест. Сепак, Обвинителството наведува дека осомничениот повторно го оставил и повикал медицинска помош дури по речиси три часа.
Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности на настанот и опасноста, достави предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомниченото лице.