Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами од Коалицијата ВРЕДИ, се обрати пред граѓаните на градскиот плоштад по првиот круг од локалните избори, на кои освои најмногу гласови од сите шест кандидати. Тој ја истакна победата како јасен глас на народот за промени и ги повика политичките соперници од ДУИ на оставки и реформи.
Касами нагласи дека неговата коалиција настапила со програма фокусирана на решавање на локалните проблеми, додека, според него, нивните опоненти од ДУИ воделе националистичка кампања и барале референдум.
„Ние излеговме кандидати со програма за локалните избори за да ги водиме општините следните четири години. Нашите опоненти од ДУИ излегоа со националистичка кампања, бараа референдум и денеска од народот добија референдум. Ова е најасен глас на народот за промени, за кандидати кои ќе ги водат општините, за програми кои ќе ги решаваат нивните проблеми“, изјави Касами.
Градоначалникот, кој е на пат да освои нов мандат, им порача на политичките соперници од ДУИ дека треба да се реформираат и да го променат својот пристап.
„Нивните лидери треба да се повлечат, да дадат оставка и да им дадат место на новите кадри. Треба да се реформираат како партии, па да дојдат пак на мегдан и да го бараат гласот на народот“, истакна тој.
Иако Касами освои најмногу гласови, се очекува Тетово да оди во втор круг.