СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Свесни сте за огромниот пад на поддршката за вашата Влада

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) соопшти дека, иако постигнатиот резултат не е посакуван, партијата бележи стабилизација и раст во повеќе општини и ја намалува разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ ги отфрлаат тврдењата за „огромен триумф“ на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека владејачката коалиција изгубила над 155.000 гласови во споредба со минатогодишните избори.

​СДСМ посочува дека вкупниот број на освоени гласови јасно укажува на промена на амбиентот, бидејќи ја намалуваат разликата во однос на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемуваат предноста во однос на ЗНАМ и одржуваат стабилна предност пред Левица.

​Партијата тврди дека ВМРО-ДПМНЕ „попусто се обидува да прикаже огромен триумф“, бидејќи реалноста покажува голем пад во довербата во владините партнери.

​„И покрај сите притисоци, уцени, поткуп и злоупотреба на сите полуги на власта, ВМРО-ДПМНЕ изгуби речиси 140.000 гласа од минатогодишните избори. Со ова, ВМРО-ДПМНЕ падна дури и под резултатот од 2021 година. Заедно со ЗНАМ, владејачките партии изгубија над 155.000 гласови“, се вели во соопштението.

​СДСМ најавува дека ќе продолжи да работи на консолидација на партијата и на победа во повеќе општини во вториот круг. Тие истакнуваат дека имаат солидни резултати во повеќе општини, но признаваат дека има и места каде што е потребно да се работи за зголемување на поддршката, имајќи предвид дека на овие избори дел од гласовите биле одземени од независни кандидати и листи кои, според нив, црпеле гласови пред сè од опозицискиот табор.

​Партијата најавува и зголемување на коалицискиот капацитет во вториот круг, повикувајќи ги своите членови и граѓаните кои гласале за кандидати кои не влегле во вториот круг, масовно да ја дадат поддршката за нивните кандидати.

​На крајот, СДСМ им порачува на ВМРО-ДПМНЕ „наместо да се бават со СДСМ и бараат оставки, да се соочат со фактот дека нивните политики во изминатата година се катастрофални, а падот на гласови се должи токму на тоа“.