Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска треба да започне со издржување на петгодишната затворска казна, откако во септември беше прогласен за виновен за приклучување кон криминална група во случајот за либиско финансирање на неговата претседателска кампања од 2007 година. Непосредно пред затворот, Саркози бил дискретно пречекан од актуелниот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата.
Макрон ја потврди средбата, која се случила во петокот, велејќи дека е „нормално да го прифати еден од неговите претходници на човечко ниво“.
Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, постојано тврдеше дека е невин и веднаш поднесе жалба на пресудата. Сепак, затворската казна е „привремено извршлива“, што значи дека не може да се одложи и тој мора да ја отпочне со издржување.
Во интервју за „Фигаро“ објавено во неделата, Саркози изјави дека ќе влезе во затворот „со крената глава“ и дека со себе носи биографија на Исус и романот „Грофот од Монте Кристо“.
И покрај тоа што денеска оди во затвор, адвокатите на Саркози ќе можат веднаш да побараат негово ослободување. Судот има максимален рок од два месеци да донесе одлука по барањето, а доколку биде одбиено, тие имаат можност да поднесат ново.
Поради неговата возраст од 70 години, Саркози би можел да ја отслужи казната во посебен оддел од затворот Санте во Париз, наменет за ранливи лица. Важно е да се напомене дека судиите во пресудата го ослободија поранешниот лидер од три други обвиненија, вклучувајќи пасивна корупција и проневера, наведувајќи недостаток на докази за лично богатење од парите од Либија.