Актуелниот градоначалник на Општина Крушево и кандидат на СДСМ, Томе Христоски, кој има водство по првиот круг, им се заблагодари на граѓаните за огромната поддршка и доверба. Тој најави интензивна работа на терен во наредните десет дена, со цел да се потврди победата во вториот круг, нагласувајќи дека ова е заедничка победа за сите што го сакаат Крушево.
Христоски истакна дека поддршката од граѓаните е потврда оти се на вистинскиот пат – „патот на работа, развој и напредок на нашето Крушево“.
„Во наредните десет дена ќе бидам меѓу вас — во градот и во секое населено место. Ќе разговарам со сите вас, ќе ги слушнам вашите идеи, предлози и потреби“, најави градоначалникот.
Тој ја персонализираше победата, велејќи дека таа не е само негова, туку е победа на сите – „на секој човек што го сака Крушево, на секој што верува во труд, искреност и посветеност“.
Христоски ги повика граѓаните да останат обединети и активни за да се потврди победата во вториот круг и да покажат дека Крушево е пример за заедништво и љубов кон родното место.
„Да победиме заедно – уште посилно, уште подобро!“, заклучи кандидатот на СДСМ.