Вечерни Вести со Режија од Власта!
Голема полициска акција во Прилеп од страна на финансиската полиција. Приведени поранешни директори и вработени во Општата Болница Прилеп и високи функционери на СДСМ, поврзани со финансиски злоупотреби во болницата.
Сè започна веднаш по именувањето на новиот в.д Директор на Општата Болница Прилеп, Кире Јоноски, кој наместо да поднесе пријава до МВР или ОЈО, закажа прес-конференција и директно во етер обелодени дека во болницата биле вршени финансиски злоупотреби. Ете, „транспарентност“ по секоја цена.
Финансиската полиција цела година преземаше предистражни мерки, истражуваше, вршеше претреси, проследени со медиумска покриеност. Ги повикуваше осомничените на распит, а тие, како што се вели, ниту откажувале соработка, ниту пак избегнувале соочување.
И сега, веднаш по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Прилеп, на финансиската полиција, по една година „работа“, одеднаш ѝ светна алармот. Решија приквечер, по темница, од Скопје да се закренат во Прилеп и да направат „спектакуларна“ акција за апсење на осомничени, кои, нели, би дошле и на обичен телефонски повик пред кој било државен орган.!
Дојдоа, ги приведоа, ги предадоа на ПС Прилеп и си заминаа Скопје, за да наутро повторно дојдат со целата свита и да ги спроведат од ПС Прилеп – преку пешачкиот премин – до ОЈО Прилеп.
Значи, тие мора да отседнат една ноќ во ПС Прилеп за „квас“, оти таков бил рецептот за добар медиумски спектакл. Овдешниот началник на МВР ќе им биде чувар да не побегнат, чунки тие цела година не можеа да се одлучат каде да бегаат, па ете, баш вечерва ќе ја дувнат од законот…
Вечерва на социјалните мрежи одекна спектаклот за „големата“ акција на финансиската полиција со наслови кои привлекуваат внимание. Јавноста во Прилеп треба добро да го „обработи“, да го „свари“ и, по прилепски, добро да се загрее за продолжението утре.
Се кладам дека наутро, спроведувањето од ПС Прилеп до ОЈО Прилеп (преку улица) ќе биде овековечено со новинарски снимки од носењето на осомничените во лисици.
Вакви театарски претстави со спектакуларни апсења, лисици, спроведувања во суд пред фокусот на новинарските камери – тоа го гледавме во времето на Мијалков, а го гледаме и сега.
Е сега, можеби нема да видите реализација на ветеното од изборите, ама очигледно добро ќе бидете духовно нахранети со турскиве серии во продукција на МВР. Колку да се рече дека се работи нешто, нели…
Пишува: адв. Жарко Стеваноски