Центар воведува вонредни мерки против кризата со сметот: Нови контејнери, дератизација и казни за несовесните

​Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, објави дека се мобилизираат сите општински служби и ресурси на ЈП „ПОЦ“ за справување со кризата со отпадот. Тој најави итен план со повеќе мерки, вклучувајќи промена на системот за собирање, дератизација и ригорозни казни за несовесно фрлање ѓубре. Герасимовски порача дека го редуцира учеството во кампањата за да се посвети на решавање на кризната состојба.

​Герасимовски истакна дека од денес сите вработени добиваат конкретни задачи, а воведени се следниве мерки:

  • ​Нови контејнери: Поставување помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации.
  • ​Угостителски отпад: ЈП „ПОЦ“ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад.
  • ​Транспорт до Дрисла: Камиончињата ќе го растовараат сметот на плац на општествено одговорна фирма, а потоа со големи камиони ќе оди кон Дрисла, со што се очекува да се забрза процесот.
  • ​Дезинфекција и дератизација: Викендов следува итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките. Ќе се изврши вонредна дератизација во сите 1980 шахти со сертифициран препарат.
  • ​Контрола на згради: Се организира средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени бесплатни, големи кеси за отпад. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација.
  • ​Инспекциски надзор: Општинската инспекција ќе биде постојано на терен за контрола на несовесно фрлање ѓубре од градилишта, дуќани и фирми, со најава за ригорозни казни.

​На крајот, Герасимовски ја објави својата посветеност: „Како градоначалник, целосно се посветувам на решавање на кризната состојба… Го редуцирам на минимум моето непосредно учество во предизборната кампања која сега ќе ја води мојот штаб. Ова не е време за политика, туку за одговорност и работа!“