​Прилеп и околината останаа без струја: Скинат проводник на далекуводот Прилеп-Кавадарци

Денеска во 18:06 часот дојде до прекин во снабдувањето со електрична енергија во Прилеп и околните населени места, поради дефект на 110 kV далекувод Прилеп-Кавадарци. Екипите на АД МЕПСО веднаш излегле на терен и утврдиле дека причина за прекинот е кинење на проводник на тешко пристапен терен.

​Од МЕПСО информираат дека, благодарение на извонредната координација со ЕВН, било овозможено снабдување со електрична енергија во центарот на градот и за критичната инфраструктура, како што се болницата и полицијата.

​Во моментов, стручните екипи интензивно работат на отстранување на проблемот и се очекува во најскоро време да се нормализира снабдувањето.

​Од МЕПСО појаснуваат дека пренасочувањето на снабдувањето е отежнато бидејќи 110 kV далекувод Прилеп-Битола е во фаза на реконструкција.