Државната каса во 2026 година ќе биде проектирана на вкупни приходи од 6 милијарди евра, додека расходите ќе достигнат 6,7 милијарди евра. Ова значи дека буџетот ќе има дефицит од 638 милиони евра, или околу 3,5% од планираниот Бруто домашен производ (БДП).
Главниот акцент во буџетот е ставен на зголемување на платите и пензиите, но и на значително ново задолжување во висина од 1,96 милијарди евра. Дел од ова задолжување (1,38 милијарди евра) ќе биде надворешно, додека 578,8 милиони евра ќе се обезбедат од домашни извори. Средствата ќе се обезбедат преку нова еврообврзница и заеми од меѓународни финансиски институции.
Пораст на плати, пензии и инвестиции
За пензии се предвидени 1,9 милијарди евра, што претставува раст од 9,7% во однос на оваа година. Социјалните трансфери ќе изнесуваат 3,35 милијарди евра. За плати во јавниот сектор се издвојуваат 855,3 милиони евра, што е за 48,8 милиони повеќе од лани.
Владата прогнозира економски раст од 3,8% и инфлација од 2,5%, потпирајќи се на домашната побарувачка и на инвестиции поголеми за 8,4%. Просечната нето-плата се очекува да порасне за 6,5%, а невработеноста да се намали на 10,1%. Најавени се големи вложувања во Коридорите 8 и 10-д, железницата, енергетиката и земјоделството.
Тековните расходи достигнуваат речиси 6,1 милијарда евра и ги опфаќаат платите, пензиите, социјалните давачки, субвенциите и економската поддршка.
За отплата на стари долгови ќе бидат потребни 1,22 милијарди евра, од кои 892,6 милиони евра се однесуваат на надворешни задолжувања. Ова вклучува отплата на еврообврзницата од 2020 година во износ од 700,8 милиони евра, како и обврски кон ММФ, Светска банка и ЕБРД.